Дел од историјата на селото Слатино
Во Република Македонија има три села со името Слатино, во тетовско, бродско и во Дебрца. Во сончев и топол есенски ден го посетивме Слатино во областа Дебрца. Рурална населба низ која тече Слатинска река со регулирано корито кое претставува украс на селото. Најстар пишан податок за жителите на селото е Опширниот пописен дефтер на охридскиот санџак од 1582 година каде е наведено дека Слатино има 327 жители, сите христијани. Според истражувањата на Миливој Костески, Слатино во 1953 година имало 1016 жители што претставува максимум во досегашното постоење. Оттогаш наваму бројот на населението е во постојано опаѓање и денес има околу 100 жители. Со податокот дека Слатино се смета за ридско – планинско и сиромашно село печалбарството било присутно уште во втората половина на 19 век. Печалбарите претежно заминувале напролет во Влашко, Србија и Бугарија а се враќале наесен. Најголем печалбарски бран го зафатило селото од 1909 до 1912 година кога проработел прекуокеанскиот пат за Канада и Аргентина. Тогаш заминале седумдесет Слатинци. Од Канада една група поради немање работа заминала за Австралија. Вториот голем печалбарски бран е од 1960 до 1970 година и со помал интензитет трае до денешни денови. Сегашниве печалбари со себе ги носат и своите семејства за да денес во Австралија има над 120 семејства. Повеќемина од нив работат во железарниците на Гринвил и Порт Кембла. На привремена работа во европските земји заминати се околу 30 Слатинци. Секоја веселба и седнување на трпеза во селото почнува со благословот “ За добрите абери од печалбарите “. Долги се списоците со имињата на Слатинци кои се растурени секаде по светот. Движејќи се низ населбата се сретнавме со Панко Стојкоски и неговата мајка Зорка. По долгиот престој во Австралија се вратиле во родното огниште и се вселиле во новоизградената куќа. Радоста не ја дочекал домаќинот кој починал неодамна, а во Австралија останала ќерката Нада со семејството. На одмор беа дојдени Иванчо и Митра Каранџулоски со семејството. Тие во Австралија се над 20 години. Нивната радост од престојот беше неизмерна.